јан
27
Џејсон Мико – римејкот на Суперхик!
јануари 27, 2012 | | 2 коментари
Во најголемата социјална пародија во форма на стрип, “Алан Форд“ имаше еден лик – Суперхик чија активност се сведуваше на анти Робин Худ активности – Крадење од сиромашните и давање на богатите. Кредото на Суперхик, стана кредо на пост-неолибералите (ова е нешто како Маргарет Тачер и Роналд Реган само без нивните државнички способности). Ова кредо ја предизвика најголемата светска рецесија, го натера Обама да го купи ризичното однесување на банкарите на пазарот, по што го следеа речиси сите држави зафатени со кризата. Суштината на таа операција е спасување на еконмијата како res publica на општеството, но тоа спасување повторно се прави од она што е “res publica” односно од парите на граѓаните собрани во буџетите. Или просто и едноставно кажано – извлекувањето на парите што од економиите преку крдитното задолжување на населението го покрија со другите пари повторно извлечени од нивните џебови преку буџетот. Што би рекле Македонците – Сиромашниот два пати плаќа. Но што овде тој плаќа? Џејсон Мико го вовлекува сега маипулаторскиот дискурс на оние што сакаат нивните новчаници да бидат полни и ако може што повеќе нивната рака да биде завлечена во новчаниците на другите, при тоа тие да молчат, затоа што ако не молчат водат “војна на идеи и војна против тие што се богати, тие што создаваат богатство и за волја на вистината, против тие што ги вработуваат не толку богатите. Тоа е војна против поединецот и против слободното општество.“
Оваа негова реченица е мантрата на пропагандата на Републиканската партија во моментов. Таа е изведеница од неолиберализмот на Тачер и Реган од осумдесеттите кој ги заздраве тогашните економии на САД и на Обединетото Кралство, но исто така го посеа семето на уништувањето на средната класа во овие општества. Нејсе, се во оваа мантра е неточно и манипулација зад неа се сокрива нешто суштинско друго.
На пример тврдењето дека богатите создаваат богатство е делумно точно – да тие создаваат богатство што е приватно и затворено во нивните приватни сметки, односно создаваат за себе. Создавањето на вкупното богатство во општеството, во било кое општество е резултат на трудот на сите единки ви општеството. Богатите немаат паранормални или алхемиски моќи тоа да го прават сами, напротив.
Тие што вработуваат – “Job creators”, втората точка истот така е неточна и контрадикторна. Ако примарната цел на богатиот е да го зголеми личното богатство тој не е “Job creator”, туку “profit creator”. Работните места што ги создава се во функција на зголемување на неговото богатство, а не на општата благосостојба во државата. Во осумдесетите растот на економиите под Реган и Тачер беше можен со оваа филозофоја пред се заради тоа што ниту Кина, ниту Индија, ниту другите земји со одвратно ниска цена на трудот не беа отворени за “Вработувачиве“. Откако се отворија, овие “Job creators” – создадоа огромен број на работни места, но надвор од домицилните економии. Тоа ја уништи средната класа затоа што операцијата е многу едноставна – зошто да плаќаш Американец 2000 долари за истата работа за која што можеш да платиш Кинез 45. Но и таа заштеда на трошоци им е мала, а некој мора да го купува она што кинезот го произведува, па преку стимулирање на потрошувачката во домицилните економии ги опустошија и нив преку кредитните шеми. Откако и тоа заврши, пиштеа долговите на населението да ги откупи државата (bailing out) со пари од истите тие граѓани што биле собирани за други намени, за општо добро, за res publica, за школство, за инфраструктура, за подобрување на општите услови за живот. И кога луѓето сурово се разбудија оправдано протестирајќи дека се опљачкани, без стабилни извори на приходи, без иднина – се испонавредија и почнаа да ги тртљаат глупостите што Мико ни ги раскажа. Дека се дискриминирани (оф мори мајко) затоа што се богати (ова е најлудото тврдење на планетава, веројатно 7 милијарди жители би сакале да бидат жртва на таква дискриминација), дека се води class warfare (ова е исто игра со емоциите на луѓето сугерирајќи дека се работи за марксистичко-сталинистички концепт со тоталитарни тенденции), и на крајот дека целиот наратив е свртен против поединецот и смрди на комунизам, (уште едно подло подметнување што ги злоупотребува клучните наративи на американската политичка традиција).
Целата оваа шмиргла е потребна да се неутрализира, да се уништи општото добро и целосно да се исприватизираа општеството. Затоа Џејсон Мико го вади мртвиот хартиен тигар на колективистичкиот комунизам па вели “ Kако и да ја наречете, сепак, оваа кампања во својата срцевина е за создавање колективно општество во кое сите се еднакви, приходот рамномерно се распоредува, колективните права владеат над правата на поединецот и многу голема централно контролирана влада управува со се и со секого.“ Државата како формација има смисол само како пренесен суверенитет на поединецот врз неа. Од Француската и Американската револуција наваму, само така има смисла и никако поинаку. Да и го одречеш правото на државата да регулира и да интервенира во моменти кога еден дел од нејзините граѓани безмислосно ги злоупотребува сите средства за лично богатење на сметка на мнозинството кое губи социјална сигурност, можност за напредување во општеството, шанси да остварува медицинска заштита, да се едуцира – значи да го убиеш духот на нацијата, да ја приватизираш, да ја заробиш. Татковците основачи на Америка во можеби најдобриот политички документ на сите времиња – Америкаската декларација на незовисноста велат – „Веруваме дека овие вистини се очигледни, дека сите луѓе се создадени еднакви, дека од Создателот им се дадени определени неотуѓиви права, дека меѓу тие права се животот, слободата и потрагата по среќа. За да се обезбедат тие права, меѓу луѓето се создаваат влади кои ја влечат својата моќ единствено од согласноста на оние со кои владеат. Така што секојпат кога која и да е форма на влада ќе стане деструктивна во своите постапки, луѓето имаат право да ја сменат или да ја укинат и да постават нова влада…“ (Го цитирам преводот на Мико). Клучниот момент овдека е последниот пасус. Пасусот на сувереноста на поединцот кој има право да не трпи влада која што му оневозможува “Life, liberty and pursue of happiness”. Тука современите републиканци го прават главното извртување – “спинот“. Тука тие гледаат дека барањата на луѓето да не бидат злоупотребувани, молзени и нивните животи уништувани се насочени против поединецот небаре само богатите се единки, средната класа и сиромашните веројатно не се ни луѓе по оваа логика. Тука, оние што успешно користејќи ја токму државата во својата операција на пљачкосување и уништување на средната класа, оние што предизвикуваат поединиечни трагедии на луѓе на кои им е ускратена медицинска помош, кои остануваат без дом над главата, чија иднина на нивното семејство и нивната лична иднина е прегазена во нео-либералната Суперхик операција ги обвинуваат за колективизам. Не бре Мико, тие бараат „Life, liberty and pursue of happinnes”, лично за нив, како поединци… Тие си го бараат назад Американскиот сон, тие си ги бараат назад можностите како поединци низ работа да се издигнат над нивните сегашни позиции. Тоа е индивидуализам пер се – не колективизам. Она што Мико го нарекува коелктивизам е солидарност. Таа е колективен израз на загрозените во одредена точка кога заедницата споделува исти проблеми. Кога Јапонија ја акна цунами, луѓето беа солидарни со несреќата што го снашла блискиот. Да не ги мешаме работите, солидарноста ги држи човечките заедници заедно во времиња на кризи, кога тие ќе поминат таа исчезнува и повторно почнува барањето на сопствената среќа. Да ја прогласиш солидарноста за колективизам значи да бидеш волк-самотник кој ги гледа другите луѓе само како храна или во случајов извор на пари. Тоа е деперсонализирање, тоа е раскинување на човечкиот контакт, ТОА Е ЗЛОТО. Тртљањето за колективизмот како уште едно докажано ЗЛО кое државата ја носи во организиран злостор каков што беа фашизмот и комунизмот во оваа ситуација е вадење на плашила пред луѓето за тие да се откажат од потрагата по личната СРЕЌА. Да се откажат од слободата, да се откажат од човечноста… За што? За да можат еден мал дел манипулатори да си го фатираат новчаникот?
За жал наративот на републиканската партија денес не е наративот на Линколн, па дури ни наративот на Реган. Денес тоа е партија која е антиинтелектуална, популистичка и манипулаторска. Наратив кој е насочен против напредокот и против средната класа. Наратив кој покажува совршено неразбирање за состојбите во кои поединците ги живеат своите животи. Наратив насочен кон овозможување безмилосно осиромашување на се што ќе се допре, како во Америка, така и во светот. Наратив на институционализирана неправда која се претставува како борец за слободите и правата. Но слободите и правата се како во вицот “Мојата жена има многу права, има право да готви, има право да чува деца, има право чисти… многу права има“. Именувањето на борбата на светската финансиска елита да и се остави правото да ги опустошува животите на луѓето на цела планета како борба против индивиуалниот гениј е безобразна. Која богата фамилија дала научник кој што е битен во последниве 100 години? Која дала уметник кој што е битен? Пронаоѓач? Било што? Виталната сила и потрагата по среќа се карактеристики на средната класа. Бил Гејтс, Стив Џобс, Марк Цукерберг – средна класа Мико… Таа што твојата партија сака да ја сотре, затоа што сиромашните се веќе испљачкани, единствените расположиви пари се ве се потенката средна класа, затоа сте антиинтелектуални, затоа десницата на светов станува популистичка и ги мобилизира сиромашните против средната класа. Конзервативизмот кој што се проповеда сега е конзервирање на семејното богатство на една рака луѓе и ништо повеќе. Какви работни места, какви патриотизми, какви колективизми. Таквите наративи се смешни. Знаеш, во Бугарија директорот на тамошното ХБО ми раскажа една приказна како еден нивни локален патриота се бунел против инсистирањето на државата да ја плати кражбата на програмата од ХБО на кабелскиот систем што го поседува велејќи “Странците ште ги пониме с блгарски пари?“ Одговорите што ги добил се следни – “Колата откаде ти е? Чесмата в кшти ти е италијанска бе…“. Значи не е приказната кој е патриот туку кој и на каков начин ќе ги изнесе парите од земјата.
Затоа, кога ќе слушнам конзервативец да зборува за поединечни и колективни права, закони и устави, патриотизам и национали чувства – веднаш си го барам паричникот кај ми е и гледам неговите раце каде се. Оти отидоа парите!
И само уште ова – капитализмот го победи комунизмот заради Американскиот сон што го сонуваа милиони источно-европејци – сон дека е можно оптество кое што правилно ќе ги распореди приходите во зависност од личната сопственост, сон дека е можен живот каков што го живеаа американската и европската средна класа. Тоа не беше движење што е колективистичко – напротив! Сон, дека за секого има место под сонцето се додека сака да работи и да заработи и преку тоа да си го направи животот подобар. Тоа не беше сон во кој ги отвораме новчаниците и им велиме на плутократите – еве земете се, ние ќе се снајдеме. Сонот за еднаквоста на шанси не е тоа што го подметнува републиканската партија денес под тоа име. Оној што стартува со семејно богатство од милијарда долари и оној што стартува со плата 300 не се во еднаква позиција, но системот може да им овозможи исти шанси (пак Бил Гејтс, Џобс и сличните), па дури и амбицијата да се изживее еден нормален живот без јахти и куќи од 200.000 милиони долари е дела од приказната за еднаквите шанси. Но тоа не е сонот на СУПЕРХИК кој сега ни се сервира како Американски! Знаеш, живеевме во колективистички систем – малку и ги разбираме работите.
ное
29
29.11
ноември 29, 2011 | | 4 коментари
“Од каде си? Од Југославија! Нема таква земја. Нема, ама јас сепак сум оттаму“ – Дубравка Угрешиќ
“Во оваа војна некои добија свои татковини, јас мојата неповратно ја изгубив. Не сум лут. Нека си ги имаат, јас татковина веќе немам“ – Раде Шербеџија
“Не можеш да се преселиш од шестособен стан во еднособен и да тврдиш дека ти е добро“ – Влатко Стефановски
“Ме обвинуваат дека сум за независност на Косово, да се разбереме јас не сум ни за независност на Србија, за тоа што сум тоа одамна го нема“ – Теофил Панчиќ
“Живееме во различни држави и како што стојат работите во различни и ќе умреме, но сите ние сме родени во една држава и тоа никој не може да ни го одземе“ – Балашевиќ
Гледајќи го ФБ денес ми се постави едно прашање – зошто Југославија упорно одбива да умре? Одбива на симболичко ниво да умре, да се разбереме – таа е мртва, помртва не може да биде. Но зошто во главите на луѓето, меморијата за неа не умира и по насилството врз неа што систематски се спроведува од новите држави – сеќавањето и симболите испливуваат. Зошто денешниов ден останал во главите на луѓето кој ги тераа секаква ЈУ меморабилија да лепат по своите ФБ ѕидови?
Лепенката југоносталгија смислена за дискредитација на сеќавањето не може да го избрише самото сеќавање. Обидите на тоа да се залепат идолошки позадини исто така се плитки и се во функција на легитимирање на сегашноста како супериорна, подобра, поправедна и во крајна инстанца само служи за легитимирање на однесувањето на тековната елита.
Но носталгијата е факт и таа не е носталгија по сојузот на комунисти туку носталгија по нормалноста.
И се додека тековните елити не успеат да прозиведат нормална атмосфера, се дотогаш оваа носталгија ќе се враќа како мит за златното време.
“Увек та прича како је некад било боље! Чика куре убиче вас романтика“ – Ране. (не случајно ликот што го кажува ова е кримос, колку да се знае кој профитираше)
сеп
26
Бриселската Битка!
септември 26, 2011 | | 26 коментари
Се мислам цела недела дали да напишам како изгледаше тоа чудото во салата на Европскиот Парламент, кога Мирка, Миленко и тој третиот ја кренаа буната против Евробољшевизмот (ау термин) и Талибанците попознати како Либерал-Демократи (јебеш ти такви либералдемократи без Стојан Андов). Се мислам дали воопшто нешто да напишам оти станува опасно по животот на Јанко Илковски кој изјави дека е спремен метак да прими само да не излеземе жртви мојата дребност, Борјан, Ива, Цаца, Жижи и Петар. Не сакам човекот да страда затоа што стварно е страшно и покрај сето искуство со навреди и закани мора да се признае дека успешно се надминаа себе си створовите ослободени од церебрална активност, оние што реагираат по павлов рефлекс и после 40 и кусур закани, малку и страв ме фати.
Се мислам како да го опишам тоа што се случи, а да не биде дополнителен извор за пропагандата. Се мислам, затоа што не можам да разберам која инфантилност владее во македонското јавно мислење и какви се не глупости се протураат на организиран начин. И има само две работи кои ми паѓаат на памет – првата е сцената во која при излегувањето од салата Мирка се фати за кваката и се заврти накај присутните да докаже – епска сцена ко да дошла на кавга кај комшиите кои и тресат трошки на тараса и кога Шацимаркакис ја фаќа за рака да ја изнесе надвор. И тука се сложувам со сите дека реагирал преостро, вообичаено во такви ситуации во нормални општества, обично има едни чичковци што ќе ве соберат дур не се изладите или пак ако не сте во состојба да се изладите ќе ви објаснат дека во светот на возрасните не е срамота да побарате стручна помош. Тука Шацимаркакис ја направи кардиналната грешка, си ги пречекори овластувањата веројанто заради неподносливоста на децибелажата што се ширеше низ салата не го дочека обезбедувањето. Dear Lady (Јелко Кацин) токму тоа го чекаше како врвен доказ на Талибанската природа на Бриселскиот режим кој е познат по недозволувањето на дебата кога на присутниот му се дебатира туку инсистира на некакви глупости како што е дневен ред (Dear Lady, you will have all the time of the world to explain yourself once you get the flor). Ама, Мирка, Миленко и тој третиот имаа “процедурална“ забелешка на тие што ќе зборуваат први, а процедуралното има предност нели? Тоа барем го знае секој што гледал парламент на МТВ.
Втората работа што ми паѓа на памет е вицот за Мујо кој со чекан си ги мавала прстите и кога Хасо го прашал зошто го прави тоа, тој рекол – заради задоволство. “Какво бре задоволство идиоте еден“ – вели Хасо, а Мујо вика “Ти не знаеш колку е убаво кога ќе промашам“. Е овој пат нашиот колективен Мујо пак си ги погоди прстите, чекаме кога ќе промаши за да почувствуваме задоволство, ама изгледа толку убаво е навежбан што се помалку промашува.
П.С. Мирка и Миленко се бореа како лавови, тој третиот мораше да си го оправда патувањето некако и последен се изнадра – Traitors, Traitors! Има детето потенцијал, со правилна нега и редовно менување на пелени ќе израсне во уште еден горостас на македонското новинарство!
сеп
3
Тикварски аргумент
септември 3, 2011 | | 4 коментари
Го обожувам тикварскиот аргумент - Ние не сме тиква без корен! Врвниот аргумент на лоботомизираните националисти во суштина го покажува нивното чувство за лична ништожност па мора да одат во ширина со некое имагинарно НИЕ. Тоа НИЕ по вертикала низ митовите за златното вереме се простира наназад речиси до првиот збор на Јехова кога го создавал светот, а по хоризонтала до последниот поединец до кој што може да дофрли.
После долго повторување на тиквата без корен конечно сфатија дека тиква си е тиква и дека признаваат дека се само тикви и дека цел народ го прават тиква па почнаа да зборуваат за дрво – за Игдрасил – за axis mundi…
Саде магија се употребува за да се избрка ѓаолот и да се избрка некако смрта… Залудно… Национализмот претставува баење против смрта. Колективен обид да се задржи земното постоење макар како дел од еден имагинарен бесмртен организам – нацијата која е вечното ние. Од тука приказната за долгот кон дедовците и за обврската кон децата. Нацијата се отсликува како Игдрасил чии корења се во минатото, деблото во сегашноста, а гранките во небесните височини на иднината. Така насликан тој е врзан за магискиот принцип, за натприродното, затоа што само натприродното може да ја победи смртта која што е дел од природниот циклус. Тоа е суштината на аргументот за коренот. Тоа е суштина на сфаќањето на нацијата, не како историско-политички конструкт, како заедница што дели институции за да може да напредува туку како жив организам кој грчевито се бори за опстанок против конкуренцијата. Квазидарвинизам, чија крајна цел е вечно траење на истото. На тоа и се надоврзува љубовта кон традициите. Традициите чие потекло е мистично и чие репетитивно повторување ја дава илузијата за траењето – за победа над смртноста. Традициите кои се зачнале со корењата на Игдрасил заедно. И да се разбереме нема ништо лошо во тоа заедницата да се обединува на симболичко и церемонијално ниво, проблемот се јавува кога тие симболи ќе добијат магиско толкување и кога, за да успее магијата што треба да не избави од сопствената смртност, се претворат во орудие за диференцијација, во единствен можен начин на живот. Или уште пострашно кога се работи за имагинарна традиција – за музеализација на фолкор кој е стилизиран и се претставува како автентичен производ како т.н.р. српска труба во Гуча, кога со новата традиција се напаѓа автохтоното, она што произлегло од нормалниот живот, она што е плод на животот – тогаш настанува манипулацијата со исплашената единка која трпи притисок што побрзо да го залепи својот задник до задникот на комшијата и тој до тој до него… Во таа операција се брише реалноста, се брише памтењето, се брише се што не се вакалапува во новото ВЕЧНО НИЕ… Новата традиција, оксиморонски е во исто време и нова и врзана за мистичниот постанок на прочуените корења. Таа мора да биде таква, затоа што новото провоцира.. Тера на преиспитување… Покажува дека се работи за конструкт (кој е реален да се разбереме), и со тоа покажува дека вечноста и натаму е привилегија на боговите и на универзумот, но не и на човечките битија или пак на човечките заедници. Таквото признавање, значи признавање дека човекот не е растение што има корени, ниту дрво, ниту тиква, ами едноставно човек. И со самото тоа смртен. И тоа смртен токму заради неговиот напредок и токму заради приспособливоста што ја поседува низ генерации да се прилагодува кон светот и да си го прилагодува себе си. Динамично суштество кое опстанало благодарение на тоа што нашло начин да ги решава проблемите што ги носи времето – односно постојано да мора да се обновува и себе си и преку НОВОТО и НОВИТЕ решенија да парира на текот на врмето за да опстане како вид. Разновидноста на културите и разновидноста на гледиштата во една култура или нација се виталната сила која што ги одржува. Националистичките концепти кои се во состојба да ја помират традицијата со новото остануваат успешни – Јапонија е чист пример за тоа. Малигните култури, нарцистички загледани само во своите корени и засонувани за своите гранки остануваат тикви кои што сонуваат дека се аксис мунди обдувајќи се своите ластари да задушат се околу нив што не е тиква. Затоа ваквиот национализам може слободно да се нарече тикварски национализам, хрватите го викаат огништарски заради приказната за вечното огниште на домовите. Она што е заеднички е фиксираноста, нефлексибилноста која се претставува како сила толку моќна што цел свет се врти околу неа. Но, фиксираното е мртво. Само мртво тело е фиксирано и од тој аспект гледано – токму бегајќи од сопствената смртност ваквиот национализам во суштина гради култ кон смртта затоа што само мртвото е непроменливо. Аналогијата е совршена. Победата над смрта преку нејзиното потсвесно обожување станува основна точка на собирање на смртно исплашените.
Лекот е едноставен – смртта треба да се прифати. Нејзиното неприфаќање е неприфаќање на реалноста, а неприфаќањето на реалноста секогаш, без исклучок води до катастрофа. Затоа ваквиот тикварски национализам претставува противприроден блуд… Тој е против самата есенција на човековото постоење. Затоа е лудило кое што ги сакати општествата, затоа што не може ниту дс ја прифати различноста ниту пак да изгради мостови. Бедни, уплашени, злоупотребени, заборавени и исфрустирани влегуваме во фаза на канибализам. Ама џабе везам. Сето ова може да се прочита. Само не по грчки форуми. Бесни пци што си ја гризат ошашката постојано докажуваат дњка историјата не е учителка на животот и дека човечкиот род (о да, и Грците и Албанците и Македонците) се осудени на вечно повторување на истите грешки.
јул
8
Усрана шминка дефилира
јули 8, 2011 | | 3 коментари
Гледам почало шминкањето…
Некои изгубени левичари шо станаа десничари удрија пудра…
Некои шо пишуваа за Ацета почнаа да пишуваат за либератаријанство….
ајде гремиорната е отворена
ама брчките нема да ги сокриете.
Памтат луѓето.
Само каменот не се менува, ама кај нас само камењата се шминкаат.
Џабе драги мои ороспии.
јун
6
Прилеп – град на светлечкото јојо
јуни 6, 2011 | | 7 коментари
Има ли простор во медиумите во Македонија маневарски простор за содржини од фахот на науката, документарните филмови, литературата, алтернативните вредности.. накратко содржини кои би ги деконтаминирале младите од тињата на валканите политички содржини?
Р.Б : Зошто би имало? Не гледам дека младите ги интересира такво нешто. Тие многу добро гледаат во какво општество живеат и се трудат да му се прилагодат. Ние немаме воспитувачи – ниту во школството, ниту во медиумите. Зошто некој би го објаснувал Хајзенберговиот принцип на неодреденост кога ВМРО е наша судбина! Зошто некој би одел на театар кога глумци има на сите страни, животот станува сценско дело во кое секој од нас си ја има главната улога, само жанрот е различен. Зошто некој би читал кога тоа боли. Да читаш значи да развиваш критичко мислење и вкус. И едното и другото се пречка во ова сурово време на волци и трговци со живо човечко месо. Да читаш денес значи да губиш време. Она што е на цена е акција – бесмислена, тупа, бесцелна акција. Колку поактивен дотолку поуботреблив за политичките елити. Колку поупотреблив – толку поголема шанса дека утре може да јадеш од државна копанка. Тоа е идеалот. Тоа е примерот на успешноста. Затоа – како муви без глави напред! Медиумите се на истата копанка и во истата кочина. Простор има само како личен избор. Избор да излезеш од духовната кочина и сам да си ги најдеш реперите. Медиумите кои некогаш биле социјализатори и поттикнувачи на критичкото мислење сега се мобилизатори што испорачуваат топовско месо за битките на нивните господари. Од топовското месо се бара да загине на бојното поле, не да мисли. Тој што мисли не гине лесно
Со кои очи го гледате Прилеп денес? Се согласувате ли со актуелниот медиумски имиџ на градот?
Р.Б : Прилеп од битен град во македонската историја, од културен топос, од место на бунт и извор на македонската самостојност денес е претворен во паланка. Паланка која веќе нема приказни. Кога ќе умрат приказните за градот умира и градот. Прилеп денес е град кој како да излегол од фантазмагоријата на Еди Рама, легендарниот градоначелник на Тирана… Град на фарбани фасади по ликот на Тирана, затоа што нашиов кмет изгледа на некој воркшоп го сретнал Еди Рама и му се видело интересно да проба од Прилеп – Тирана да направи. Прилеп е град херој кој остана без херои. Остана без епика, но остана и без лирика. Нит се љуби, нит се бори! Прилеп денес е град на светлечкото јојо – окото на Мордор кое пулсира и на кое му се радуваат легиите на Саурон. Градот кој некогаш имал најголем раст после Марибор денес е град на уништени сенки од луѓе. И да не се лажеме – градот се луѓето. Не се зградите! Префарбаната фасада на Цепенков не може да ја скрие суштината внатре.
Градската библиотека “Борка Талески” за мојата генерација беше исто што сега се кафичите на булеварот или во чаршијата. Дел од дневната шема на градот и место на средби. Кафичите беа за навечер. Читаш една книга дневно или на два дена… Џабе е сега фарбата и шаховските фигури… Празнотијата зјапи и голта. Можеби престрого судам, ама Прилеп за мене денес е град без магија… Без приказна како што реков. Градот на Конески, на Ченто, на 12 народни херои, градот кој што во турската империја бил 4 панаѓурски град, градот на луѓето што ја измислувале Македонија… Денес е град на Марјан и на Сугаре… град без бунт, без идеја… Кога се спуштам со кола од Плетвар умот се уште си игра со мене и ми се раѓа топлина но додека да стигнам до дупката која со години стои незатрупана на раскрсницата кај “Солидност” веќе добивам желба да се вратам назад. Во мојата глава секогаш стои дека кога тогаш ќе се вратам на улиците на градот кај што сум растел… Природно ми е… Но тој град го нема.
Целото интервју
Овде – http://10bez10.com/kultura/70-opsto/1350-vo-10bez10-so-roberto-belicanec
апр
15
Слобода на изразување
април 15, 2011 | | 4 коментари
Гледам КИМИ објавила ТИ-ПАРТИ памфлет за сеење магла во врска со стандардите за слободно изрзаување.
http://kimi.blog.mk/2011/04/15/sovet-za-radio-difuzija/
Затоа еве ви еден подолг текст кој е изваден од прирачник – за да бидат појасни работите.
Се извинувам на должината..
Ама, површноста не е опција во случајов.
Вовед
Уста пуста затворете
да не каже оти боли.
Коста Солев Рацин (елегии за тебе)
Од моментот на раѓање, од првиот плач, човечкото битие макар и несвесно за себе почнува со комуникацијата. Правото на слободно изразување е вродено во нашето битие уште од првиот здив. Toe е суштинскиот невидлив поврзувач на она што се нарекува слободно општество. Впрочем, степенот на слобода на изразување е мерка за слободата во едно општество. Тоби Мендел, познат правник што се занимавал со ова право на светско ниво ќе рече дека “слободата на изразувањето е кислородот на демократијата“. Современ демократски поредок е незамислив без почитување на основните човекови права и слободи, но кога се работи за правото на изразување може слободно да се каже дека тоа е есенцијата на демократијата, затоа што таа не може да постои без слободна размена на мислења на слободни луѓе.
Вербалното и невербалното изразување е директно поврзано со мисловниот процес, оттука вообичаено ова право се среќава како право на изразување, уверување, примање и предавање на мислења. Затоа Орвел во романот 1984 како еден од главните инструменти на теророт го посочува новосоздадениот јазик – т.н.р. новоговор како јазичен систем кој што го оневозможува мислењето надвор од границите на тоа што го сака тоталитарниот режим. Орвел бил потполно свесен дека ограничувањето на говорот е средство за тоталитарна контрола и дека тоа никогаш не може да се направи без терор.
Демократијата не претпоставува дека функционираме во совршен свет како совршени битија кои се во состојба веднаш и безболно да ги пронајдат вистинските решенија. Таа не претпоставува ни дека демократското уредување е совршено уредување, замрзнат систем без динамика, напротив – таа претпоставува дека од мноштвото гласови, мноштвото различни мислења, од мноштвото идеи се создава резултантна сила која што го држи општеството во кохезија и го исправа на патот на напредок на заедницата. Тој пат е крив, со многу ќори улици, со многу раскрсници и понекогаш со многу враќања. Кога не би постоело правото на слободно изразување, можноста за дебата околу различните правци тогаш патот веројатно би бил прав. Но, историјата покажала, обично многу краток и многу крвав. Равенката е многу едноставна колку повеќе разговор, размена на идеи, дебата – толку помалку крв и тиранија.
Се разбира, не постои апсолутно право, па така и правото на изразување не е апсолутно. Тоа е ограничено со други права на поединицот и со други легитимни цели на заедницата во која што живееме.
Во текстот што следи ќе се запознаеме со
- Историскиот развој на концептот и неговата општествен улога
- Меѓународните документи и институции кои што се грижат за исполнувањето на ова право
- Домашните стандарди според Уставот на РМ
- Слободата на печатот како потформа на ова право
- Ограничувањата на ова право
- Говорот на омраза
Битно е да се истакне и тоа дека европските и американските стандарди во одредена мерка се разликуваат што се должи пред се на историскиот развој. На пример во многу земји во Европа истакнувањето на нацистички симболи по автоматизам се смета за злоупотреба на ова право и дури претставува криминален чин, додека во Америка, се додека тоа се прави на мирен начин и при тоа не се предизвикува реална опасност[1] по другите луѓе или пак со тоа не се поттикнува насилство, самото истакнување на симболот се смета за слобода на изразување на политичко убедување. Секаде каде што тоа е можно ќе ги истакнеме овие разлики.
Историски развој и општествена улога
Правото на слободно изразување во денешна, политичко – правна форма почнува да се диференцира некаде околу средината на 17 век. Најнапред како составен дел од реформаторските движења против католичката црква во северните и западните делови на Европа и малку подоцна како дел од политичките барања на американските колонисти што подоцна ќе резултираат со Американската револуција.
Појавата на печатењето, за прв пат во човечката историја овозможило широко распространување на идеите на поединицеот, најпрвин во форма на книги, а потоа и во форма на весници. Наеднаш се појавила можност да се придизвикаат воспоставените норми на феудалното, монархистичко уредување или авторитетот на црквата. Веројатно после првиот испечатен весник или книга од овој тип, се појавила и цензурата. Најпрвин како официјален орган на државата или црквата па се до денешните облици на цензура кои се многу пософистицирани од порано. Појавата на цензурата како институт го означила почетокот на обликувањето на ова право во правно-политичка форма каква што ја познаваме денес. Од тој аспект правото на слободно изразување е нераскинливо врзано со слободата на печатот и на некој начин директен резултат на обидите за негово спречување. Затоа често пати ова право се среќава под колоквијалните изрази слобада на печатот или пак слобода на говор.
Теоретски се смета дека правото на слободно изразување во себе носи 4 многу битни социјално-политички компоненти[2]
- Овозможува размена на идеи (marketplace of ideas)
- Овозможува остварување на личноста во општеството (Individual fulfillment)
- Претставува сигуроносен вентил (Safety valve)
- Овозможува остварување на деморатското владеење (Self – Governance)
Размената на идеи претпоставува дека човечкото битие е несовршено и неговата способност за решавање на општествените проблеми во голема мерка зависи од способноста на согледување на проблемот од повеќе аспекти. Бидејќи различни луѓе, на различен начин ги гледаат работите, општество кое што е структуирано да овозможи овие различни согледувања на работите да циркулираат, овозможува решенија што имаат поголема виталност и кои овозможуваат напредок како на поединците, така и на општеството во целост. Ова исто така значи дека мислењето на малцинството во оедно општество има иста валидност како и мислењето на малцинството. И двете треба да се земат во предвид при носењеото на одлуки и ниту едно не смее да биде замолчено. Или како што тоа го рекол Џон Стјуарт Мил:
- Дури и ако целото човештво минус еден човек има едно мислење, а само еден има спротивно, човештвото нема никакво морално оправдување да го замолчи тој поединец и тоа во иста мерка колку што тој човек би немал никакво оправдување да го замолчи човештвото кога би ја имал таа моќ. [3]
Мил во суштина потенцира дека таму каде што нема слобода на изразување владее тиранијата било тоа да е индивидуална тиранија на еден човек врз сите било тоа да е колективна тиранија на мнозинството врз малцинството.
Правото на слобода на изразување е клучен инструмент за остварување на личноста во општеството. Внатрешната цел на секое човечко битие е во целост да се реализира, односно да го оствари својот карактер и да ги оствари своите потенцијали во општествен контекст. Можноста да се комуницираат идеи и преку нив да се поврзува со истомисленици и овозможува на единката да ги релизира своите внатрешни тежнеења и да се чувствува корисна за пошироката заедница.
Како сигуроносен вентил делува кога единката соочена со фрустрирачки општествени ситуации има можност преку ова право да критикува или предлага решенија на пошироката заедница. Во таа смисла можноста за слободно изразување на ставовите во голема мерка ги амортизира внатрешните агресивни и насилни пориви кои се појавуваат како резултат на фрустрацијата.
За тоа дека го овозможува демократското владеење покрај се што до сега е наведено ќе додадеме дека слободата да се критикуваат властите и да се повикуваат на јавен отчет е механизмот кој ја лимитира потенцијалната неодговорност на власта и постојано ја потсетува дека таа управува во името и за сметка на некого.
Меѓународни документи и институции
После катастрофалното искуство со тоталитарните режими во 20 век ова право станува дел од редица битни меѓународни документи од декларативен и правен тип. Денес, ова право го штитат меѓународни конвенции за заштита на човековите права. За нас во Македонија се битни два документа – “Универзалната декларација за човековите права“ (УДЧП) на ООН која подоцна е преточена во Меѓународен пакт за граѓанските и политичките права на ООН и “Европската Конвенција за човековите права“ (ЕКЧП) на Советот на Европа.
Членот 19 на ЕКЧП г ласи:
“Секој има право на мислење и на негово изразување; Ова право ја вклучува слободата да се држи мислење без надворешно мешање и право да се бараат, примаат и предаваат информации и идеи преку било каков медиум и без оглед на границите“
Овдека треба да го појасниме значењето на одредени изрази од овој член. Кога во овој збор се користи изразот мешање, тоа пред се се однесува на мешање од страна на власта (што подетално ќе го видиме артикулирано во членот 10 на Европската конвенција) или пак од друга позиција на моќ која се користи за да се принуди поединицот да го смени мислењето. Оваа флоскула без надворешно мешање во суштина значи дека поединецот има право да формира свое мислење врз основа на размената на информации и сопствените искуство.
Зборот медиум ги опфаќа сите материјални и нематеријални пренесувачи на информацијата.
Впрочем членот 19 на ЕКЧП подобро може да се разбере преку преку членот 19 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политички права кој гласи:
“Секој има право на мислење без надворешно мешање.
Секој има право на слобода на изразување; Ова право ја вклучува слободата да бара, прима и пренесува информации без оглед на границите и тоа во пишана или усна форма, преку уетнички израз или преку било кој медиум по негов избор.
Остварувањето на правото опишано во параграф два од овој член со себе носи специјални должности и одговорности. Поради тоа може да биде предмет на одредени ограничувања, но тие можат да се наметнат само ако се пропишани со закон и се неопходни:
А) За да се овозможи почитување на правата или угледот на другите
Б) За заштита на националната безбедност или јавниот ред, или за зачувување на јавното здравје или јавниот морал“
Како што се гледа овој член јасно укажува дека правото на слободно изразување иако е општо и универзално, не значи и дека е апсолутно. Членот 19 од пактот всушност кажува дека правото на единката е ограничено со правата на другите и со општата благосостојба на општеството. На ова ќе се навратиме кога ќе зборуваме за ограничувањата на ова право.
Европската конвенција за човекови права за нас е најважниот меѓународен акт кој ја третира слободата на изразување пред се заради практичните импликации и јурисдикцијата на Европскиот суд за човекови права. Македонија е земја потписничка на Конвенцијата и со тоа ја има прифатено јурисдикцијата на Европскиот суд за човекови права и според Уставот на РМ конвенцијата е составен дел од правниот поредок и според тоа, таа е директно применлива во македонските судови. Слободата на изразување е опишана во членот 10 кој гласи:
Член 10
Слобода на изразување
- Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
- Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.
Европскиот суд за човекови права врз основа Членот 10 има изградена судска пракса која го продлабочува толкувањето на ова право.
Судот при судењето на предметите не ги толкува двата става на членот 10 одвоено туку како целина. Во неколку наврати има нагласено дека ограничувањата од ставот 2 на конвенцијата претставуваат исклучок кој треба да има легитимно оправдување за примена на ограничувањата од страна на националните власти. Односно во судењета по членот 10 судот е соочен „ не со избор помеѓу два спротивставени принципа туку со принципот на слобода на изразување кој е предмет на одреден број на ограничувања кои мора многу тесно да се толкуваат“[4] За да се прифатат ограничувањата на оваа слобода како легитимни секој поединичен случај мора да помине низ таканаречениот троделен тест.
Троделниот тест се состои од следниве принципи
- Ограничувањето мора да биде пропишано со закон
- Ограничувањето мора да има легитимна цел
- Ограничувањето мора да биде неопходно за едно демократско општество
Секој од овие принципи има свои разработени толкувања низ прецедентното право на европскиот суд. Така за да го задоволи првиот принципот на “Пропишано со закон“ ограничувањето мора да биде “формулирано со доволна прецизност што ќе му овозможи на граѓанинот да може да се придржува до него“ [5].
Начелото на легитимна цел во суштина реферира на вториот став од членот 10 кој во суштина претставува конечна листа на цели заради кои што може да се наметне ограничувањето на правото на слобода на изразување.
Треиот принцип дека ограничувањето мора да биде неопходно во едно демократско општество всушност го воведува тестот на јавниот интерес. Во оваа фаза од триделниот тест се оценува дали оној кој го ограничил правото, го направил тоа заради побитна општествена потреба односно дека ограничувањето на правото е направено врз основа на несомнена јавна грижа. Во пракса тоа значи дека ограничувањето е неопходно за да може непречено да функционира едно демократско општество односно дека распространувањето на информацијата може да предизвика поголема штета отколку неговото ограничување.
Наједноставно ова може да се сфати низ следниов пример.
Весникот X објавува документ кој што е маркиран со ознаката државна тајна – строго доверливо. Се работи за фактура која армијата ја има исплатено за набавка на зелка и компир за касарната во градот Y. Во статијата весникот тврди дека одделението за логистика на армијата е вмешано во криминал и еден од доказите во поткрепа на тоа тврдење е фактурата на која се гледа дека цените на зеленчукот кој што го набавува армијата е 30% повисок од нормалните цени на пазарот. Државниот обвинител подига обвинение за објавување на државна тајна.
Ајде сега да го примениме триделниот тест врз овој случај. Првиот принцип – ограничувањето да биде пропишано со закон е исполнето затоа што објавувањето на државна тајна е кривично дело, документот јасно бил маркиран со ознака на тајност и на уредниците на весникот им било добро познато дека со објавување на документот можат да дојдат во судир со законот. Вториот принцип – да служи на легитимна цел исто така е исполнет затоа што се работи за документи кои се поврзани со системот на одбрана на земјата, дополнително може да се аргументира дека од набавените количини може да се пресмета бројната состојба на гарнизонот што во суштина претставува осетлива информација. Третиот принцип – да биде неопходно во демократско општество односно распространувањето на информацијата да носи опасност да предизвика поголема штета отколку нејзиното објавување е спорниот момент. Овде мора да се пријде на контекстуализација на целокупниот случај, значи – се работи за земја која не е во војна ниту пак во воена состојба, во моментот не постои сериозна закана по нејзината безбедност така што осетливоста на информацијата за бројот на војници во гарнизонот е релативно ниска. Од друга страна јавната контрола и спречувањето на злоупотребата на јавни пари е високо на приоритетите на демократскиот систем. Отчетноста на јавните институции меѓу кои што е армијата е еден од клучните принципи на демократијата. Затоа секакво ограничување или санкционирање на објавување на информации кои придонесуваат кон зајакнување на јавната контрола врз државните институции претставува кршење на правото на слобода на изразување како што регулирано во членот 10 од конвенцијата.
Домашна регулатива
Правото на слобода на изразување е составен дел на уставниот поредок на РМ. Во опишувањето на ова право нашиот устав има уште полиберален пристап од меѓународните документи.
Устав на РМ – Член 16
Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.
Македонскиот устав освен вообичаените категории слобода на мислење, слобода на изразување, слобода на прием и пренесување на информаци воведува уште неколку – слободно основање на средства за јавно информирање, правото на одговор и исправка, слободен пристап кон информациите и заштита на изворите на информација.
Освен правото на слободен пристап на информациите речиси сите претходно наброени права во суштина спаѓаат во доменот на т.н.р. слобода на печатот. Во европскиот систем на тие се составен дел на судската пракса на европскиот Суд за човекови права и во суштина се смета дека членот 10 ги покрива и нив иако тоа изречно не се споменува во конвенцијата.
Освен правото на заштита на изворот на информации другите права се разработени во законите (Законот за радиодифузија, Законот за слободен пристап кон информациите).
Македонскиот правен систем исто така ги има во детали разработени и ограничувањата на ова право низ низа закони – Кривичен закон (заштита на угледот, изнесување на државни и воени тајни, повикување на верска, национална и расна омраза, повикување на рушење на уставниот поредок), Законот за радиодифузија (ширење на верска, национална и расна омраза, повикување на рушење на уставниот поредок), Законот за заштита на лични податоци, Законот за класифицирани документи и други закони.
Генералната грижа за уставноста на Законите и другите правни акти е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, а од моментот на ратификацијата на Европската конвенција за човекови права како надворешна судска инстанца може да се користи и Судот за човекови права во Стразбур.
Слобода на печатот
Заради дејноста што ја вршат, но и заради нивната функција во општеството медиумите најчесто биле изложувани на притисоци како од страна на властите така и од страна на неформални центри на моќ. Всушност целокупната историја на медиумите е проткаена со борба за остварување на базичното право на слобода на изразување. Како што претходно видовме одреден дел на прифатените стандарди во слободата на изразување се однесуваат на медиумите.
Како што официјалната цензура олицетворена во државно наименувани цензпри исчезнувала од историската сцена, така методите на притисок станувале се пософистицирани. Цензурата всушност само ја менувала формата. Формите на денешната цензура опфаќаат низа на појави и дејствија кои се насочени кон замолчување на печатот или на создавање на т.н.р. замрзнувачки ефекти, односно ефекти на самоцензура.
Економската цензура има многу форми – ќе споменеме неколку
- Насочување на реклами е метод кој се користи по принципот награда и казна. Овој метод претпоставува дека оној кој што го применува контролира доволен дел од рекламниот колач за да може со негово пренасочување да влијае врз известувањето на медиумите. Обично тоа е врзано за поголемите компании или пак за политички структури кои доминираат врз одреден број на економски субјекти. Овој вид на цензура постои во РМ.
- Директна контрола врз медиумот заради сопственичките односи. Овој проблем има светски размери. Медиумските компании претставуваат сложени бизниси кои имаат повеќе дејности и медиумот се користи од страна на сопственикот за промоција на сопствените бизнис интереси при тоа ускратувајќи им го правото на другите да пристапат до публиката или пак заради остварување на други немедиумски бизнис интереси се прекројува уредувачката политика на медиумот. Овој вид на цензура постои во РМ
- Специјални монополи на дистрибуција на печатените изданија или пак на печатењето и трансмисијата на програмата на електронските медиуми кои дејствуваат како квази регулатори на пазарот и ги ставаат во нерамноправна позиција медиумите кои не се во милост на оние што ги контролираат ваквите монополи. Во РМ во моментов не постои ваков вид на цензура.
- Поставување на специјални даноци, системи на скапи дозволи за работа со можност за нивно одземање од страна на државата. Во РМ во моментов не постои ваков вид на цензура.
Притисоци врз медиумите од страна на државните органи
- Регуларните инспекциски контроли од најразличен тип или други редовни административни процедури се користат како средство за притисок врз медумот. За да може ваква, во нормални услови легитимна акција да се третира како притисок врз медиумот мора да постои јасна врска меѓу инспекцискиот надзор или административната процедура и известувањето на медиумот. Затоа секој поединечен случај треба да се разгледува во контекст. На пример сосме различни се случаите кога редовна инспекциска контрола се случува во медиум во време на избори, а медимот известувал за неправилности во изборниот процес и кога таа се случува во период кога не може да се поврзе со дневните известувања на медиумот.
- Јавно изречени закани за насилство било врз медиумот, било врз новинарите.
- Насилство врз новинарите или медиумите
- Систематско користење на институтот клевета и навреда за вршење на притисок врз медиумот или како одмазда за неговото известување
- Ограничување на движењето на новинарите од “безбедносни причини“
- Затворски казни за клевета и навреда
Сетот на современите цензорски акции тука не престанува, тој е во постојана еволуција. Како што може да се види многу од наведените методи всушност носат маска на легитимност. Затоа единствениот инструмент што може да се примени во докажувањето дали некоја активност претставува ограничување на слободата на печатот е троделниот тест, особено третиот дел за неопходноста на ограничувањето во едно демократско општество.
Заради својата функција на кучиња чувари на демократијата медиумите всушност се поставени во позиција на секојдневна борба за остварување на правото на слобода на изразувањето. Тие се предводници во поставувањето на стандардите. Впрочем за да можат да го остварат базичното право на изразување низ макотрпна борба докажале дека без да се гарантираат некои специфични услови како што е правото на слободно формирање на медиуми или пак правото на заштита на изворите на информации, базичното право не може да се оствари во пракса. Тоа е признаено и од страна на Европскиот суд за човекови права и од Врховниот суд на САД и претставува составен дел од нивната судска пракса.
Границите на правото на слобода на изразување
Напоменавме дека правото на слобода на изразување не е апсолутно и дека е ограничено со заштита на други поединечни права или пак со остварување на други легитини цели на демократското општество.
Национална безбедност
Пренесувањето и објавување на информации кои што можат да ја загрозат националната безбедност не потпаѓа под остварување на правото на слобода на изразување. Притоа треба да се има на памет дека изразот “национална безбедност“ опфаќа закани по територијалниот и националниот интегритет, но не ги опфаќа сите закани кон точно одредена власт. Од тука јасно е дека власта не може да се повикува на принципот на национална безбедност за да го ограничи правото на слободно изразување доколку се работи за критика на власта, откривање на криминал и сл.
Зачувување на јавниот ред и мир
Ова ограничување во суштина се однесува на одржувањето на социјалната кохезија и пдржувањето на државниот поредок. Оттаму има неколку специфични ситуации кои се појавуваат како повод за ограничување на правото на изразување.
- Предизвикување на насилство
- Предизвикување на расна, верска и национална омраза
- Повикување на рушење на уставниот поредок
Во сите овие случаи мора да постои директен линк меѓу злоупотребата на правото на слобода на изразување и фактичките последици што настанале. Тоа значи дека застапувањето на одредени идеи и нивно пласирање во јавност е дозволено се до моментот додека како директна последица на таквиот говор не се појави насилство или пак на друг начин не ја загрози социјалната кохезија. Дополнителен услов за да се утврди дали се работи за злоупотреба на правото на слободно изразување е намерата. Потполно раличен третман добиваат случаите кога оној што го злоупотребува правото го прави тоа со намера да предизвика насилство или верска,расна и национална омраза од случаите во кои се работи за застапување на одредени легитимни политички идеи без оглед на тоа дека што тие може да предизвикаат насилство.
И во едниот и во другиот случај според Комитето за човекови права на обединетите нации товарот на докажување останува на власта. Таа мора да докаже дека ограничувањето на слободата на изразување е неопходна мерка за зачувување на јавниот ред и мир[6].
Критикувањето на работата на владата не значи повикување на рушење на уставниот поредок ниту пак може да се смета за нарушување на јавниот ред и мир.
Напротив
“Границите на дозволениот критицизам кон власта се пошироки отколку оние што се однесуваат на приватно лице, па дури и од оние кои што се однесуваат на на политичар. Во демократски систем акциите и пропустите на власта мора да бидат под близок надзор не само од страна на легислативната и судската власт туку и од страна печатот и јавното мислење. Натаму, доминантната позиција што владата ја има и налага да покаже воздржаност од прибегнување на покренување на кривични постапки (против оној кој што ја критикува, заб. Р.Б) особено таму каде што на располагање и стојат други средства за одоговор на неоправданите напади и критиките на нејзините непријатели или пак од страна на медиумите“[7]
Судот во Стразбур јасно кажува дека критиката на владата и другите државни органи не само што не спаѓа во сетот на ограничувања туку дека е неопходна за функционалност на демократијата. Затоа препорачува во таквите случаеви наместо властите да одговорат со кривичен прогон и замолчување на критиката тоа да го направат со изнесување контра аргументи, односно да отворат јавна дебата. Особено ако критиките се направени во добра верба и за остварување на јавниот интерес.
Заштита на достоинството на личноста
Овдека можеме ограничувањата грубо да ги поделиме на два дела
- Дефамација (клевети и навреди)
- Изнесување на лични податоци и повреда на приватност
Во системот на човекови права достоинството на човекот и граѓанинот претставува една од базичните вредности. Практикувањето на слободата на изразување мора во себе да го содржи ова ограничување. Имено слободата на изразување престанува таму каде што почнува правото на другиот.
Клеветата и навредата се дела во кои смислено се изнесуваат невистини, полувистини или навреди за друга личност со намера да се наруши неговиот углед. При тоа намерата претставува суштински елемент на делото.
Кога се работи за критика на одредена личност која што врши јавна функција оваа заштита на личноста е полабава:
„Слободата на печатот претставува едно од најдобрите средства за откривање и создавање на мислење за идеите и ставовите на политичките лидери. Уште поважно, слободата на политчката дебата е вградена во самата срж на концептот на демократското општество… Според тоа, границите на дозволениот критицизам кон политичарите е многу поширока во споредба со приватна личност. За разлика од приватната личност, политичарот свесно ги става под поголем јавен надзор секој свој збор и секое свое дело… Како последица на тоа мора да покаже поголем степен на толеранција“[8]
Кога е во прашање приватноста и заштитата на личните податоци правилата се многу построги. Особено во ера во која системите за обработка на податоци напредуваат со огромна брзина и кога приватноста станува една од најголемите теми за дебатирање во современите демократии.
Членот 8 на ЕКЧП го гарантира почитувањето на приватноста и фамилјираниот живот, неповредловоста на домот и кореспонденцијата. Од аспект на слободата на изразување се смета дека приватниот живот и семејните прилики се во целост надвор од јавната сцена освен кога се работи за вршители на јавна должност и тоа само ако нивниот приватен живот влијае врз извршувањето на нивните секојдневни должности. Односно дека не е јавен интерес се за што јавноста се интересира. На пример здравствената состојба спаѓа во сферата на приватноста, но здравствената состојба на претседателот на државата или премиерот во случај на тешка болест која може да предизвика спреченост за обавување на должноста или пак може да влијае на процесот на донесување одлуки престанува да биде приватна работ и станува јавна.
Значи треба да постои сериозен јавен интерес кој претегнува над правото на приватност за таквите податоци и информации да станат дел од јавниот живот.
Кога се работи за друг тип на јавни личности како што се пеачи, глумци, спортисти и слично повторно заштитата на приватност е помала. Имено се смета дека тие живеат од јавноста и свесно бараат публицитет кој е составен дел од нивниот статус во општеството и затоа, слично како и политичарите подлежат на помала заштита на приватноста.
Заштита на авторитетот на судството и на правото на фер судење
Иако судовите претставуваат дел од поделбата на власта во државата и не се надвор од општото правило дека и нивната работа подлежи на јавно преиспитување, сепак заради природата на својата работа стандардите за известување за нив какои и за тековните судски процеси се малку поинакви.
Имено, судовите во својата работа во одредени случаи можат да ја исклучат јавноста доколку постои опасност публицитетот да го загрози делењето на правдата. Судовите мора да одлучуваат ослободени од притисоци вклучително и од притисокот на јавноста. Но тоа не значи дека јавноста нема право да биде запознаена со текот на процесот и одлуката на судот по завршување на процесот.
Втората работа која мора да се истакне е дека пресумпцијата на невиност на обвинетиот е начело кое што мора да биде заштитено и тој да биде заштитен од јавна стигматизација. Недозволиво е судот на јавноста да ја превземе улогата на судовите затоа што во тој случај имаме современа верзија на јавен линч. Ова правило, за жал во РМ редовно се крши.
Значи потполно се валидни дискусиите за квалитетот на судовите и судиите, но таа дебата треба да се води на начин кој што нема да ја оштети репутацијата на судовите, ниту правата на обвинетите.
Заштита на деловна тајна
Се додека се работи за деловна тајна која во себе не вклучува нарушување на јавниот интерес нејзината заштита е легитимна. Доколку се работи за деловна тајна која се однесува на трошење на јавни пари (ако на пример компанијата делумно или во целост има клиентит кои се буџетски корисници) или пак во себе содржи информации кои се битни за здравјето на луѓето (на пример користење на состојки во производот за кои се знае дека се штетни) или пак претставува доказ за корумпирање на владини службеници за добивање на поповолна позиција на пазарот и слично тогаш објавувањето на таквата информација спаѓа во оставрување на правото на слобода на изразување.
Заштита на јавниот морал
Јавниот морал е растеглива категорија и зависи од културниот контекст. Она што во едно општество може да биде навредливо за јавниот морал во друго не мора да биде. Сепак постојат генерални правила како што е на пример грижата за правилниот развој на младата личност. Од тој апект изложувањето на младите на прекумерно насилство и порнографски материјал се смета за повреда на јавниот морал и повреда на правото на личноста да се развива во здрава средина. Затоа и во Конвенцијата за прекугранична телевизија која потоа се преточува во локалните законодавства се ставаат одредени лимити и прагови кои што би требало да го оневозможат консумирањето на ваквиот материјал од страна на личности помали од 18 години. Имајќи предвид дека престрого лимитирање на достапноста и престрогот дефинирање на поимите прекумерно насилство и порнографија може да го загрози правото на уметничко изразување постојат прецизни дефиниции што се смета за прекумерно насилство, а што за порнографија. Во секој случај системот на прагови и рејтинзи постои во речиси секоја земја. Така на пример емитување на порнографија е недозволено во кодирана форма. Продажба на порнографски печатен материјал е збранет на лица под 18 години (некаде под 16) и може да се прави само во специјализирани продавници. Емитувањето на прекумерно насилство е во целост забрането, а програмите што содржат друг тип на насилство или еротика мора да се поместат во време за кое се претпоставува дека е непогодно за млади лица (вообичаено после 24 часот). Освен тоа се воведуваат обврски за категоризација на телевизиските програми, филмовите и видео игрите со која се препорачува минималната возраст за која што тој производ е наменет.
Освен во овие случаеви кои што се дефинирани постои и една општа одредба за материјал кој не е во согласност со општо прифатените норми и може да ги вознемири граѓаните или пак штетно да влијае врз развојот на децата. Во Македонија таков случај се појави со квизот “Момент на вистината“ кој од ударно време мораше да се помести во доцните вечерни часови заради можното штетно влијание врз младите.
Заштита на авторскот право
Повредата на авторското право не спаѓа во слобода на изразување. Ширењето на материјал кој е авторско право на друго лице не може да потпадне под слобода на изразување односно под слобода на примање и предавање на информации. Постојат специфични услови одредени со законите за авторски и сродни права кои дозволуваат користење на делови и цитати од авторско дело во точно определне обем и тоа за научни цели и за информирање на јавноста.
Други ограничувања
Начинот на остварување на правото на слобода на изразување може да биде предмет на други ограничувања и услови.
Издавањето на дозволи за вршење на радиодифузна дејност е едно од ограничувањата кое произлегува пред се од физичката раположливост на фреквенции и грижата за националната култура.
Во Холандија на пример постојат ограничувања на местото и времето на распространување на одредени типови на материјали на јавни места. Под регулација подлежи:
- Делење на лифлети на јавни места
- Продажба или делење на печатен материјал проследен со усни дообјаснувања
- Продажбата на книги
- Истакнување печатени слики на згради на страни кои што се видливи за јавност
- Стоење, одење или возење по улица со истакнати рекламни паноа на себе
- Користење на разглас од возило
- Истакнување политички пораки со неонско светло истакнато на зграда
Тоа не значи дека сето ова е забрането, туку дека пропишувањето на начинот и местото на ваквото изразување е задржано во рацете на централната и локалната власт. Експертите за слобода на изразување претежно се согласуваат дека овој пристап е на граница на загрозување на правото на слободно изразување.
ГОВОР НА ОМРАЗА
“Прашањето за таканаречениот говор на омраза односно за тоа кој говор треба или би требало да се забрани врз основа на тоа што поттикнува омраза кај другите е всушност предмет на многубројни расправи и полемизирања на глобално ниво иако стандардите за тоа во меѓународното право се всушност доста развиени. Меѓународното право не само што дозволува туку всушност тоа и бара Државите да забранат одредени говори врз основа на тоа што истите го поткопуваат правото на другите за еднаквост или слобода од дискриминација а понекогаш и врз основа на тоа дека е потребно да се заштити јавниот ред“[9].
Говорот на омраза е насилство. Тоа е насилство кое поттикнува физичко насилство. Историското искуство со фашизмот и неговата пропаганда базирана врз идејата за расна супериорност на германскиот народ ја чинеше планетата милиони жртви. Поттикнувањето на верска,национална и етничка омраза и дискриминација во јавност е одговорно за речиси сите војни после втората светска војна вклучувајќи ги и Југословенските. Говорот на омраза создава опасни стеротипи за супериорност и инфериорност и го релативизира злото на дискриминацијата. Пропагандата базирана на говор на омраза во суштина претставува артилериска припрема за реалното насилство кое речиси секогаш, во помала или поголема мерка, го следи.
Говорот на омраза се претставува како легитимен политички говор и неговите носители вообичаено истакнуваат аргументи дека лимитирањето на тој говор ја “Стерилизира политичката дебата“, дека ја “крши слободата на изразување“ и дека ги нарушува политичките права. На ваквите аргументи има само еден контра аргумент – говорот на омраза поттикнува насилство и е опасен по животот на луѓето затоа е потполно легитимно тој да биде издвоен од јавниот дискурс, обележан и во своите есктремни случаеви судски процесиран.
Степенот на ограничување на ваквиот говор пред се зависи од контекстот во кој што тој се случува и од неговата ефективност. Сосем поинаков случај е кога таквиот говор е присутен во маргинален медиум со лимитаран број на публика од оној кога тоа се случува во мајнстрим медиум или пак во дела што имаат научни или образовни претензии. Заради ефектот на кумулативно дејство медиумите имаат етичка должност да внимаваат на појавата на стереотипизација на одредени групи во општеството или на нивна посредна стигматизација.
Доколку пак таквиот говор директно побудува насилство, тој мора веднаш и без пардон да се процесира. Повиците на насилство или пак повиците на акција за која што повикувачот знае дека може да резултира со насилство се апсолутно недозволиви.
Меѓуародни правни стандарди за говорот на омраза
Пактот за граѓанските и политички права на ООН изрично го споменува говорот на омраза во членот 20
“Секоја пропаганда која повикува на војна ќе се забрани.
Секое заговорање кон национална, расна или верска омраза што претставува поттикнување на дискриминација, непријателство или насилство ќе се забрани со закон.“
Меѓунардоната конвенција за елиминирање на сите форми на расна дискриминација на ООН подетално го разработува член 20 на Пактот за граѓанските и политички права. Во членот 4 се вели:
“Државите потписнички ги осудуваат секоја пропаганда и организација кои што се базирани на идеите или теориите на супериорност на раса или пак група на луѓе со иста боја или исто етничко потекло; или пак се обидуваат да оправдаат или промовираат расна омраза и дискриминација во било каква форма; (државите потписнички) се обврзуваат да превземат и усвојат итни и позитивни мерки насочени кон истребување на сите поттикнувања или акти на таквата дискриминација имајќи при тоа должна почит кон принципите вградени во Универзалната декларација за човекови права и правата вградени во членот 5 од оваа Конвенција, меѓу другото да:
- Ги прогласат како дела казниви со закон: ширењето на идеи базирани на расна супериорност или омраза, поттикнувањето на расна дискриминација, сите акти на насилство или повици на насилство против било која раса или група на луѓе со поинаква боја на кожа или етничко потекло како и помагањето на расистичките активности вклучувајќи го и финансирањето
- Ги прогласат за илегални и да ги забранат организациите што организираат или пропагираат поттикнување на расна дискриминација; освен тоа учеството и членувањето во таквите организации ќе претставува дело казниво со закон
- Нема да дозволат јавните власти или институции, национални или локални да промовираат или да поттикнуваат расна дискриминација“
Оваа конвенција го третира говорот на омраза како битен елемент на едно сложена криминална активност.
Меѓународниот суд за воени злосторства во Руанда осуди радио-новинар за директно поттикнување на геноцид. Тоа за сега е единствен меѓународен случај новинар да биде одговорен за воено злосторство. Обвинението пред судот успеа да докаже дека неговите радио-емисии поттикнале масовни убиства врз основа на различна етничка припадност.
Македонското кривично законодавство го санкционира предизвикувањето на верска, национална и расна омраза. Законот за радиодифузија исто така, во него дури постои можност Советот за радиодифузија во таков случај да ја одземе дозволата на радиодифузерот без при тоа да го опомене.
Во македонската јавност многу често се слушаат меѓусебни обвинувања за употреба на говорот на омраза и затоа е потребно да направиме прецизирање. Говор на омраза има кога се употребуваат стереотипи и заеднички социјални својства на групата (етничка, религиозна, родова припадност, сексуална ориентација, болест) со цел таа да се навреди или јавно понижи или пак да формира предрасуди, омраза или да предизвика дискриминација или насилство кон таа група. Говорот на омраза може да биде насочен кон поединец ако во него се користи припадноста кон одредена социјална група за да се дискриминира, навреди, предизвика насилство кон него или пак да се дисквалификува од јавна сцена.
Обичните навреди, клевети и говор кој не ги исполнува горните предуслови не може да се карактеризира како говор на омраза.
ПРИМЕР 1.
Во 1997 година неделникот „Фокус“ објави текст под наслов “Св. Јане Миљовски гради црква до Св. Софија“ од авторот Војо Додевски. Како илустрација на текстот беше презентирана фото-монтажа на тогашниот министер за финансии на која што тој беше прикажан како светец. Наводите во текстот имплицираа вмешаност на министерот во процедурата за добивање на дозвола за градба во близина на Св. Софија во Охрид и тоа според тврдење на некои охридски археолози на археолошки локалитет.
Јавниот обвинител подигна обвинение против Војо Додевски. Обвинението покрај тврдењето дека наводите на текстот се невистинити, тврдеше дека фотомонтажата е навредлива за министерот. Судот пресуди во корист на министерот и Фокус мораше да плати материјална оштета.
Она што е карактеристично за овој случај е дека во име на министерот – јавниот обвинител по службена должност го превзеде гонењето на новинарот, и тоа дека судот воопшто не разгледуваше дека насловот и фотомонтажата се одлуки на уредникот, а не на новинарот.
Со новиот Кривичен закон одредбите со кои на министрите и други вршители на високи функции им се даваше можност покрај приватните тужби, државниот обвинител да постапува во вакви случаи се укинати и тие се изедначени со другите граѓани.
ПРИМЕР 2.
Највисоката казна за клевета во РМ му е изречена на Љубомир Данаилов Фрчковски затоа што во колумна имплицираше замешаност на премиерот Никола Груевски во приватизацијата на Окта. Фрчковски беше осуден да плати 30.000 евра оштета. Фрчковски во текстот ја споменува вмешаноста на Груевски без да презентира материјален доказ.
[1] “Clear and present danger” е терминот кој се користи од страна на врховниот суд на САД.
[2] Law on mass communication – freedom and control of print and broadcast media, D.Teeter, D. le Duc, Bill Loving, Ninth edition, Foundation Press, New York 1998
[3] John Stuart Mill, On liberty.
[4] Пресуда во случај Сандеј Тајмс против Обединетото Кралсво (The Sunday Times v. United Kingdom), параграф 65
[5] Исто, параграф 49
[6] Article 19 – Freedom of Expression Handbook, страна 121
[7] Пресуда на Европскиот суд за човекови права во случајот Castells v. Spain параграф 46
[8] Пресуда на Европскиот суд за човекови права во случајот Lingens v. Austria параграф 42
[9] Тоби Мендел
мар
10
Збогум САД!
март 10, 2011 | | 93 коментари
Селската финта на ВМРО, со пуштањето на Никовски во јавност да им се наебе мајка на ЕУ и САД, да побара протерување на нивните амбасадори од Македонија и после перењето на многупочитуваниотпрофесордоктор Хорхе дека Ристо е негов ама не е негов, и официјалните изјави на владата дека тоа не се нејзини ставови веројатно ќе резултираат со конечно дигање на раце на Америка од Македонија.
Никовски е употребен да го каже тоа што владата го мисли (а богами и го покажа со карикутарата на Фуере), а после ние комшија, (овде следи намигнување исто ко Хорхе на Обама), официјално нема да мислиме така иако неофицијално баш така мислиме. Генијалците, го лупнаа Никовски напред како пешак што може да се жртвува за да искокетираат онака предизборно, со антизападниот сентимент кај своето гласачко тело, обидувајќи се после да се вадат на „слобода на мислење“ на дипломат кој ете сосема случајно е неофицијален советник на претседателот на државата. Демек, пушти го Ристо ние сеа официјално ќе го покриеме Ристета, а тој со ова ќе им каже на нашите “да ми са овог пута нема да скренемо“ (не е случајно ова што е непишано на српски, паметните ќе сфатат). ВМРО денес наликува на чича застанат пред шалтер во пошта и се прави недоветен иако добро разбира се, ама ако да си заврши тој работа, правејќи се шлакнат… Бутаааај….
Оваа предкооперациска тактика изгледа нема да помине… Многу такви финти се изголтаа и сега нема веќе простор понатаму… Она што го очекувам сега е пресврт во третманот на САД кон Груевски и кон Македонија… Не верувам дека веќе ќе бидеме штитени од САД како до сега. (А тој што тврди дека не сме биле штитени е слеп при очи и глуп при мозок). Дури сега кога конечно се пресметуваме со нашиот најдобар и најјак пријател на меѓународна сцена како со смртен непријател, дури сега, конечно во целост ќе може да се фрлиме во прегратките на нашите непријатели….
Збогум САД.
Не џабе се вика блогов This is not America.
фев
27
Бранко – за Бичиклиски!
февруари 27, 2011 | | 34 коментари
Му ветив на фејсбук на Александар Бичиклиски дека ќе го отворам Бранко како тема за дискусија. Поточно, дека ќе одоговорам на прашањето на Бичиклиски дали Бранко со поставувањето на условите за изборите не ја става цела Македонија како негов заложник, барајќи претходни услови кои се противуставни и дека треба сега целото граѓанско општество да го повика БЦ да излезе на избори…
Ајде сега неколку премиси за темава кои ќе ги објаснам подолу
1. Од сите услови кои Бранко ги постави можам да коментирам само за две – Одблокирањето на сметката на А1 и Т.Н.Р. Закон за медиуми односно законското регулирање на владините реклами за подеднаква поделба на парите од владините реклами.
2. Овие неколку дена од поставеното прашање и појавувањето на неколку организации од различен тип кои наеднаш почнаа да го повикуваат Бранко да излезе на избори покажува дека Бичиклиски во ФБ дискусија само покажа за што ги смета невладините организации – ПР орудие и толку. Впрочем и целата дискусија се таму се сведе на тоа кој кого злоупотребил.
3.Изборите треба да бидат беспрекорно чисти во спротивно – кој и да ја освои власта не само што ќе и нанесе долгорочна штета на Македонија туку ќе владее (администрира би сакал да биде овде зборот, ама во македонски контекст не функционира) со нарушен легитимитет.
Ајсе сега на првата тема – Уставно Груевски никако не може да му нареди на судот да ја одблокира сметката на А1 и од тиј аспект ВМРО е во право. Но условувањето на Црвенкоски за одблокирање на сметката на А1, Време и Шпиц не се однесува на правната рамка туку на обезбедување на амбиент за фер изборна трка. Во момент кога две од трите најголеми ТВ станици се провладини (кај Сител тоа е дури и пресмешно да се гледа), А1 како единствена критичка телевизија е инструмент за постигнување на балансот. Можеби Груевски не смее да му нареди на судот да ја одблокира А1 ТВ ама сигурно може да и нареди на УЈП да си ги преиспита постапките и да најде друг начин за обезбедување на наводниот долг што медиумите од Перо Наков го имаат кон државата. Тоа може да го направи. И судот ќе одлучува по такво барање. Значи нема директно да му нареди на судот туку едноставно ќе најде решение кое ем ќе го остави медиумот да функционира ем кривичната постапка да си продолжи, ем да се обезбеди долгот. Значи не ќе да е баш така дека сметката не е блокирана по желба на владата односно на владините органи. Заради горе наведеното – особено заради улогата на медиумите за време на изборите – барањето на Црвенковски е оправдано иако е срочено пропагандистички и насочено кон Груевски директно. Или едноставно кажано, ако заминеме на избори во кои имате само провладини медиуми – изборите не се фер! Точка. Толку.
Второто медиумско барање на Црвенковски – закон за еднаква распределба на средства е исто во функција на изедначување на изборната битка и оневозможување на корупција на медиумите со државни пари. Е сега, што јас мислам за ова имаше по весници. Мислам дека е ноторна будалаштина да се воспоставува егалитаризам во пазарна економија. Мислам дека политичкото рекламирање воопшто е будалаштина и тоа опасна будалаштина и треба да се забрани или да се лимитира законски само на специјални случаеви кога стварно има потреба од кампањи со јасно видлива цел, евалуација на кампањите и праламентрна контрола – кога се работи за рекламирање од владата или пак целосно да се забрани кога се работи за партиски реклами, платени политички програми или предизборни спотови. Едноставно рекламирањето на поилтичките партии, па и на владата прозиведува корупциски односи меѓу политиката и медиумите, влијае врз покривањето на настаните и информирањето, фаворизира натпревар со пари, а не натпревар со идеи и така натаму. Затоа во мнозинството европски земји не е дозволено. Затоа што во суштина е антидемократско. Но да се вратиме на Бранкота, од негов аспект повторно е сфатливо барањето затоа што за разлика од мојата комоција на посматрач, тој знае дека доколку не се изнајде некое практично решение – повторн треба да излезе на утакмица со купени судии. Значи од аспект на стручен суд – будалаштина, од аспект на брзо решение за обезбедуавање на фер плеј сфатливо. Но, јас сум против. Подобро да се уреди ова прашање после избори, затоа што нема време да се уреди квалитетно пред избори. Јас знам дека ВМРО може да го реши за 5 мин. Ама брза кучка слепи раѓа, а привремените решенија стануваат трајни.
На втората теза:
Вовлекувањето на невладините организации за време на предизборната борба со пледирање на тоа дека кризата е опасна за Македонија и дека треба да ги надополнат потфрлањата на политичкиот фактор во земјата и тоа исклучиво маркирајќи го едниот тркач во политичката битка како одговорен за тоа е само пропагандна манипулација. Како прво, убеден сум, како што и гледаме деновиве дека доволно анонимуси ќе изпливаат под бајракот на НВО и ќе му изнакажат на Бранко дека тоа што го прави е опасно за државата. И тоа е само мултипликација на тезата која прво на малку поинаков начин ја изрече Груевски, и сега таа треба да се мултиплицира низ што е можно повеќе канали и преку што е можно повеќе извори за да се стекне впечаток дека оној што прв ја изрекол е апсолутно во право. Трикот е пропаганден, а дејството што сака да се постигне е предвремена дисквалификација на противникот односно маркирање на неговото однесување како опасно. Како што гледам ниту една стара и сериозна организација не ја лапна оваа јадица – да биде злоуптребена во пропагандни цели. Значи ако некое НВО има допирни точки со политиката тоа сака да зборва за политики со сопствените ставови, а не да ги потврдува или одрекува ставовите на политичките актери по потреба на некој од нив. Јас одамна викам дека ВМРО не ги разбира невладините организации и оваа теза на Бичиклиски по кој знае кој пат тоа го покажува. НВО за ВМРО има само пропагндна улога и толку. Втората работа што исто не ја разбра, за разлика од стариот Сојуз на Социајлистичкиот народ кој имаше за цел да ја потврдува безгрешноста на владејачката партија – современите НВО се растресена и лабава мрежа, често со многу тесни фокуси и со одреден тесен политички фокус (медиуми, жени, абортус, лица со посебни потреби, млади и сл.) и реагираат некоординирано или пак се координираат ад хок. Ако поголема групација на НВО сериозно помисли дека однесувањето на опозицијата е толку многу опасна за Македонија веројатно ќе реагира.
Е сега мое лично мислење, напуштањето на парламентот од страна на СДСМ е врв на политичката криза во земјата. Понатаму протолкувајте си го сами…
И на крајот за третото…
Не сум сигурен дали има потреба за дополнително објаснување освен ова…
Ако не преовладува духот на инклузија и консензус наместо духот на исклучивост и конфликт, ако политичкиот натпревар не се базира на аргументација наместо на ароганција, нема демократија. Од тој аспект јас би повикал на спротивното…
Да се седне заедно и да не се даваат изјави дека некој сам ќе оди на избори или дека некој ќе се инаети до крај и да се разрешат сите прашања што ќе создадат услови за фер избори.
И тоа без удирања под маса… Без хистерични изјави… Без расправии кој сакал, а кој не сакал на избори… Без бука и бес…
Срамота е бре најдобрите избори во Македонија да бида оние од 1991 година организирани од тоталитарна структура, а вие сите демократи 20 години да не можете едни асални избори да одржите.
И го должите тоа на Македонија затоа што предолго ве рани и ве толерира, а премалку вративте…
фев
16
Ефекти
февруари 16, 2011 | | 22 коментари
Еффо се врати…
Стихи се врати…
Малку ли е?